(ФОТО) Мистичните симболи во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Гари
Во срцето на Мијачко-реканскиот дел на Западна Македонија, во селото Гари, се наоѓа црквата „Успение на Пресвета Богородица“, место кое плени со својата уметничка и историска вредност, но и со мистичната симболика што ја крие во своите ѕидови. Изградена во XIX век, оваа православна базилика е дело на мајсторите-градители од регионот, кои го оставиле својот уникатен печат на фреските, иконостасот и архитектонските детали.

Она што ја издвојува црквата е присуството на симболи кои често се поврзуваат со слободното ѕидарство – Севидливото Око во триаголник, утринската ѕвезда, аголникот и шестарот. Тие, иако дискретно втиснати во градбата, го потврдуваат уникатниот спој на локалниот занаетчиски мајсторски стил со мистични елементи што не се среќаваат често во македонските храмови. Покрај тоа, на сводовите е прикажана и Богородица со ангелски крилја, мотив кој е редок во нашите цркви.

Историски, македонската територија имала тесна врска со слободното ѕидарство, иако никогаш не се формирала автохтона национална Ложа. Голем број на Македонци, особено во периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век, членувале на Ложи во странство, во Бугарија, Југославија, Италија, Романија. Некои историски личности од Македонија, како Александар Протогеров и Кирил Прличев, оставиле значајна трага во масонската историја на Балканот.

Мистеријата околу масонските симболи во црквата во Гари ја прави оваа градба уникатна, можеби единствена во Европа, каде православниот храм и мајсторските мотиви се спојуваат на начин што предизвикува љубопитност и поттикнува историско истражување.

*Забрането е копирање, преземање или повторна употреба на овој текст и на прикажаните фотографии без писмена дозвола. Секое кршење на авторските права ќе биде предмет на законска постапка.
