(Видео) Параклис посветен на „Св. архангел Михаил“ ќе се гради во новиот парк во Гевгелија
Во новиот градски парк во Гевгелија, во непосредна близина на булеварот „Гевгелија“, наскоро ќе започне изградбата на ново спомен-обележје – параклис посветен на свети архангел Михаил.
Станува збор за целосно нов верски објект, чија изградба е предвидена во рамките на Програмата за одбележување на значајни настани и личности од историјата на Гевгелија за периодот 2024–2029 година, усвоена од Советот на општината.
Спомен-обележјето е донација од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, преку Повардарската епархија, а вкупната вредност на проектот изнесува 10.127.554 денари.
Параклисот ќе се простира на вкупна нето-површина од 79,3 квадратни метри. Од тоа, на тремот ќе му припаѓаат 8,5 квадрати, просторот наменет за верниците ќе опфаќа 46,98 квадратни метри, а олтарниот дел ќе зазема 23,9 квадратни метри. Според проектот, висината на објектот заедно со крстот ќе достигне 15,77 метри, што ќе му даде препознатлив изглед и доминантно место во новиот парк.