Sign In

Блог

Последни вести
Ќе се гради Музеј на вода кај Мрдаја каде што беше откриена наколна населба

Ќе се гради Музеј на вода кај Мрдаја каде што беше откриена наколна населба

Ќе се гради уникатен Музеј на вода на Дојранското Езеро преку реконструкција на праисториската наколна населба кај локалитетот Мрдаја. Проектот го најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој беше во посета на Дојран.

Според Љутков, веќе е изработено идејното решение, а во текот на следната година ќе започне подготовката на основниот проект. Музејот ќе биде изграден на самата водна површина, со автентични наколни конструкции кои ќе ја доловат сликата на животот во дојранскиот регион во праисторијата.

„Во Дојран, посебен акцент во стратегијата на Министерството за култура и туризам оваа година го доби капиталниот проект – изградбата на Музеј на вода, преку реконструкција на праисториската наколнa населба во Дојранското Езеро.

Во моментов се спроведуваат заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја. Идејниот проект е изработен од Завод и музеј, Струмица, а од следната година се очекува подготовка на основниот проект за изградба на музејот.

Реконструираната наколнa населба – Музеј на вода, поставена директно на езерската површина, ќе биде жив музеј на отворено, кој ќе ги привлекува посетителите со својата автентичност, визуелна атрактивност и едукативна вредност.

Во комбинација со богатото природно, историско и културно наследство на Дојран, овој проект има потенцијал да го позиционира градот како водечка дестинација за културен и археолошки туризам – не само на национално, туку и на регионално ниво“, објави министерот.