Sign In

Блог

Последни вести
Pizza Spot – маалското место што мириса на Италија, а има македонска душа

Pizza Spot – маалското место што мириса на Италија, а има македонска душа

Некои места не се само за јадење. Некои места ги носиш со себе дури и откако ќе излезеш од нив. Такво е Pizza Spot, ново маалско катче скриено по уличките близу рампа во Кисела Вода.

Тука ќе ве пречекаат сопствениците. Скромни, насмеани, љубезни.. Од оние луѓе што од првата минута ти влеваат доверба. Во краток разговор со еден од нив дознавме дека кратко работел како пицајоло во Италија, ама занаетот го усовршил до перфекција во Словенија, во најстарата пицерија во Љубљана. Замислете, учел од легенди на пица мајсторството. И тоа се чувствува и во тестото и во вкусот и во мирисот и во секој детал додека ја вади пицата од фурната.

Тестото? Нешто измеѓу неаполитанско и едно поцврсто, покрцкаво што искрено совршено ѝ лежи на нашата македонска душа. Не е она „тесто како мекици“ што некои го туркаат под етикетата „неаполитанска“. Ова е нешто поинакво со личен печат, со умешност, со мерка. Не може со сигурност да кажеме дали е инспирирано од северна Италија или нешто словенечко, но знаеме дека е направено со срце.

Цените? Поевтини од многу други што се фалат дека прават „автентична“ пица. А вкусот? Поавтентичен од сите. Без филмови, без позлатени менија, само добра пица, чист простор, и топло добредојде.

А најубаво од сè? Сакаат местото да биде живо. Да има родендени, тинејџерски дружби, караоке… Да се слави животот со парче пица во рака и добро друштво околу. Тоа е Pizza Spot. Не франшиза. Не „бренд“. Туку едно маалско срце што чука под вкус на Италија, прилагодено на нашата реалност.

Па така ако си од Кисела Вода, или си случајно таму, нека не те мрзи да скршнеш по уличките. Ќе најдеш место што мириса на вистинска пица.