Sign In

Блог

Последни вести
Александар Ангеловски – Македонецот од Италија кој трипати годишно се враќа во родното село во Штип за со свои раце да гради црква

Александар Ангеловски – Македонецот од Италија кој трипати годишно се враќа во родното село во Штип за со свои раце да гради црква

Александар Ангеловски, по потекло од штипското село Софилари, веќе две децении живее и работи во Италија, каде што има сопствена градежна компанија. Иако животот го изградил во странство, љубовта кон родното место не згаснала. Трипати годишно се враќа во Македонија за со свои раце да ја гради црквата „Свети Јоаким Осоговски“ во родното село Софилари, надевајќи се дека таа ќе стане причина иселените жители повторно да се собираат, а можеби и да се вратат во селото.

Ангеловски вели дека секое негово враќање било проследено со тажна слика – сè повеќе напуштени куќи и сè помалку живот.

Токму затоа, пред девет години ја започнал изградбата на црквата, која ги има сите потребни дозволи од надлежните институции и од Брегалничката епархија. Неговата цел не е само да изгради храм, туку и повторно да го обедини народот од селото.

Најголемиот дел од градежните работи ги изведувал сам. Како искусен градежник, лично ги ѕида ѕидовите, а повремено му помагаале сопругата и неговите деца, кои исто така работат во областа на градежништвото и архитектурата.

Црквата се гради на место за кое мештаните со генерации раскажуваат дека некогаш постоел стар храм, уништен пред многу векови. При расчистувањето биле пронајдени стари камења, кои Ангеловски ги зачувал и повторно ги вградил во новата светиња.

Според народното предание, дрвјата се стари повеќе векови, а местото отсекогаш се сметало за свето.
Со ова место е поврзана и легенда што и денес се прераскажува. Старите велеле дека човек кој се обидел да исече дрво од светилиштето, следниот ден ја вратил пепелта назад, убеден дека направил голем грев. Оттогаш, никој не се осмелил да ги допре дрвјата, верувајќи дека местото е благословено.

Ангеловски веруваше дека со Божја помош ова свето место ќе стане духовен дом каде што секоја година за празникот на Свети Јоаким Осоговски ќе се собираат иселениците, нивните семејства и сите што потекнуваат од Софилари, со надеж дека селото повторно ќе оживее.

Заштита на авторски права:
Овој текст е оригинално авторско дело на „Gladiator“. Забрането е целосно или делумно преземање, копирање или репродукција без претходна писмена дозвола од авторот. Доколку текстот се користи, задолжително е јасно наведување на изворот: „Gladiator Mk“. Секое неовластено користење претставува повреда на авторските права.